Search
среда 17 октомври 2018
  • :
  • :
Најнови Вести

Скандалозно трошење на народните пари во Прилеп: 540.000 евра за адвокати и извршители, 60.000 евра за медиуми

Прилеп не е единствениот град во Република Македонија, каде новоизбраната локална власт се соочи со празна каса и милионски долгови кон разни доверители и по разни основи. Она по што е единствен, е што со такви проблеми освен локалната самоуправа, се соочуваат и речиси сите јавни претпријатија во градот и што граѓаните речиси секојдневно дознаваат нови пикантерии за работата на претходната власт на ВМРО-ДПМНЕ.

Екс прилепскиот градоначалник Марјан Ристески, го предводи друштвото од поранешни локални функционери кои покажале елементарна негрижа за менаџирањето со јавните пари, имотот на општината и јавните претпријатија. Ристески е рекордер меѓу своите довчерашни колеги според бројот на кривични пријави поднесени против него. Впрочем, последната пријава која против Ристески ја поднесе Општина Прилеп за постоење основи за сомневање дека ги сторил кривичните дела „Злоупотреба на службена положба и овластување“, „Несовесно работење во службата“ и „Злоупотреба на постапката за јавен повик, доделување на договор за јавна набавка или јавно приватно партнерство“, најдобро го отсликува начинот на неговото 12 годишно раководење со општината.

Притоа, висината на средствата кои одат на “душа“ на Ристески не се воопшто за потценување. Со минатонеделната пријава тој се сомничи дека на Општина Прилеп ѝ нанел штета во висина од 352.986 евра. Само 3 месеци порано, Ристески заработи кривична пријава затоа што на едно правно лице му овозможил да се стекне со противправна имотна корист во висина од 1.200.000 евра, додека со третата пријава беше обвинет дека не ја осигурил од штети општинската зграда, со што на Општина Прилеп ѝ нанел штета во износ од 238.750,00 денари.

Она за што веројатно нема да биде обвинет, но што од друга страна е повеќе од јасен показател за неговото неодговорно извршување на градоначалничката функција, се сумите кои во последната година од неговите 3 последователни мандати, ги потрошил за репрезентација и за медиуми. Имено, завршната сметка на Општина Прилеп покажа, дека во 2017 година трошоците за репрезентација изнесувале 4.086.860 денари, а оние за медиуми ја достигнале фантастичната сума од 3.628.167 денари, или околу 60.000 евра!

Случувањата, пак, во ЈКП „Комуналец“, каде 12 години во директорската фотелја седеше Златко Ристески, прв братучед на градоначалникот Марјан Ристески, се посебна приказна која допрва ќе го здогледа светлото на денот. И додека во меѓувреме надлежните институции работат на дигање на маглата од најголемото јавно претпријатие во Прилеп, доволно е да се наведат само два податоци како шлагворт во претстојната разврска.

Во периодот од 2011 до 2017 година, по основ на трошоци за судски пресуди прилепски „Комуналец“ има исплатено 11.342.238 денари, за адвокатски трошоци 17.370.610 денари, како и дополнителни 4.717.319 денари за извршители. Или севкупно, само по овие три основи, екс директорот Златко Ристески потрошил фрапантни 33.430.167 денари, или повеќе од 540.000 евра. Меѓутоа и ова не е конечната бројка, бидејќи сѐ уште не се направени пресметките за висината на каматите за задоцнето плаќање, кои уште повеќе ќе ја зголемат и онака енормната сума на непродуктивно потрошени средства.

Истовремено, Ристески не поднесувал тужби против домаќинствата кои не ги плаќале сметките, а на поголем број коминтенти своеволно им го простил долгот. Со тоа, ЈКП „Комуналец“ го оштетил за дополнителни 160.000 евра.

Кога е во прашање неподнесувањето тужби против должниците кои не ги платиле сметките за добиените услуги, слична е состојбата и во ЈКП „Водовод и канализација“. Од таму велат дека, по основ на застарени и ненаплатливи побарувања, претходното раководство на јавното претпријатие му предизвикало штета во висина од 100.000 евра.

Според информациите со кои располагаме, истражните органи работат на утврдување на штетите на ЈКП „Пазари“, кои настанале како последица на, како што велат од јавното претпријатие, несовесното работење на претходниот менаџерски тим. Она што се знае, е дека во функција на изградба на нов трговско-деловен објект, беше срушен „Млечниот пазар“ и петнаесетина други дуќани во сопственост на ЈКП „Пазари“, кои на ова јавно претпријатие му носеа значителни приходи. Истовремено, „Пазари“ остана и без угостителски објект кој претходното раководство го продаде за екстремно ниска цена од 800.000 денари.

Конечно, со промена на деталниот план и одземање на корисничкото право од страна на Општина Прилеп, најмалото јавно претпријатие остана и без „Сточниот пазар“, за чие уредување ЈКП „Пазари“ инвестираше 4 милиони денари.

Заради сето ова, јавноста со нетрпение го чека исходот од работата на МВР, прилепското Основно јавно обвинителство и Основниот суд Прилеп.

loading...