Search
среда 26 септември 2018
  • :
  • :
Најнови Вести

Ниче Македон и официјално газда на галијата кај МЕПСО

Бизнисменот и автор на егзотични историски читанки, Ниче Димовски – Македон, од вчера официјално е нов сопственик на првата галија во реката Вардар, која се наоѓа веднаш до МЕПСО.

Бродот почна да работи како ресторан „Ројал Македонија“, но сега е затворен.

Ресторанот имаше ентериер во антички стил и специјалитети именувани во духот на времето на Александар Велики, омилениот историски период на Ниче Димовски како автор.

Долго во јавноста се шпекулираше дека Димовски, кој, инаку, е шура на поранешниот градоначалник Коце Трајановски, е неформален сопственик на галијата, а тоа во јавноста го пласираше и актуелниот градоначалник Петре Шилегов.

„Цел град зборува дека тој е неформален сопственик на една од галиите. По таа моја изјава немаше апсолутно никаква реакција од него, што веројатно ја потврдува шпекулацијата“, изјави Шилегов во априлското интервју за БИРН.

БИРН се обиде да контактира со Димовски, да го прашаме кои се неговите планови со галијата, меѓутоа тој побара прашањето да му го пратиме по СМС и потоа не одговори.

Концесијата за галијата во 2012 ја доби познатиот скопски фризер Давор Андреески – Диор, тој и ја изгради.

Многумина се изненадија од авантурата на Андреески во угостителството, бидејќи никогаш не бил во овој бизнис и во медиумите провејуваа дилеми околу мотивите зошто се нафатил да ги гради галиите, кои се дел од контроверзниот проект „Скопје 2014“.

Шпекулациите ги подгреваше и неговата таинственост зашто тој најчесто ги одбегнуваше новинарите.

Потоа, во 2014 година, галијата ја презеде извесна Вера Најдовска, која исто како Андреески избегнуваше контакт со медиумите.

Промената објавена во Централен регистар

Втората галија што ја градеше Андреевски денес работи како кафуле и со него раководи компанијата со бугарски капитал „Сервис АД“ и тоа е онаа меѓу новата зграда на Министерството за надворешни работи и хотелот „Холидеј ин“.

Галијата во средина ја води познатиот скопски угостител Столе Филипоски, сопственик на популарниот ресторан „Воденица“.

Новиот скопски градоначалник Петре Шилегов, веднаш откако дојде на функцијата најави дека градот ќе ги тргне галиите, зашто нивното присуство во коритото на Вардар претставува опасност во услови кога реката надоаѓа.

Тој проценуваше дека овој зафат би чинел околу шест милиони евра.

Сепак, последната изјава на Шилегов во врска со галиите е дека тие сега засега остануваат во Вардар бидејќи отстранувањето е скапо за градот.

Иако сега во Вардар има три брода, ДУП-от за тој дел од центарот на Скопје предвидува шест вакви објекти, и тоа четири на десната и два на левата страна од реката.

Галии не никнаа на локацијата веднаш под мостот „Гоце Делчев“, до ново-стариот театар и до колонадата.

Градските власти се обврзаа да ја изградат инфраструктурата, да постават канализациска мрежа и да донесат струја на галиите, а обврска на инвеститорот беше да ги изгради галиите од челик и од дрво, а внатрешноста од гипс-картон, на начин што ќе може објектот да се отстрани, бидејќи сплавовите се поставуваа на период од десет години во кои концесионерот треба да плаќа кирија на Град Скопје од околу 1.000 евра месечно.

loading...