Search
среда 17 октомври 2018
  • :
  • :

ГРЕКО: Разочарува тоа што нема превенција од корупција кај пратениците

Групата држави против корупцијата, ГРЕКО, тело на Советот на Европа, во вчера објавениот извештај порача дека борбата против корупцијата во Македонија е разочарувачка.

ГРЕКО оценува дека од деветнаесет формулирани препораки, земјата задоволително исполнила шест, додека пет се неимплементирани, а осум само делумно.

Ова се петте неимплементирани препораки во Макеоднија за кои ГРЕКО смета дека се „очигледно разочарувачки“.

– Препорака 2

Оваа препорака се однесува на превенцијата на судир на интереси и примање подароци и други погодности во рамки на Собранието. Иако властите во Македонија сметале дека препораката е обработена преку Кодексот за етичко однесување на пратениците, ревидиран во 2016 и усвоен на 11 јуни 2018, ГРЕКО, иако го поздравува усвојувањето на овој Кодекс, истакнува дека е недоволен.

Па така, на пример, изјавата дека “пратеникот е должен да ги почитува правилата што се однесуваат на спречување на конфликтот меѓу јавниот и приватниот интерес“ не е доволно прецизна дефиниција. ГРЕКО потсетува и дека останува нејасно што е со “протоколарните подароци“ и дека не е дефинирано што се случува со нив – дали треба да бидат одбиени, пријавени или предадени до Собранието.

ГРЕКО посочува и дека списоците за прекршоци и сериозни прекршоци во Кодексот се однесуваат само на ситуации кои вклучуваат гласање, додека прекршувањата за подароци не се јасно покриени.

-Препорака 3

Оваа препорака се однесува на односите на пратениците со лобистите и други лица кои имаат за цел да влијаат врз законодавниот процес.

Во овој дел повторно, во својата аргументација пред ГРЕКО, властите во Македонија се повикуваат на постоечки закони, извештаи и експертски анализи, кои иако ГРЕКО ги поздравува, повторно ги смета за недоволни или ирелевантни.

За ГРЕКО, нема нов развој и конкретни предлози во оваа област кои би утврдиле јасни правила на однесување за пратениците кога тие имаат контакти и средби со лобисти и трети лица. Тоа вклучува мерки како проверка на идентитет, вкрстени проверки со постоечки регистри, сфаќање кои интереси ги претставува лобистот и други мерки на транспарентност. Групата потсетува дека ова препорака се однесува и на трети страни кои не се нужно професионални лобисти, вклучително и странски власти и здруженија кои застапуваат национални или деловни интереси.

-Препорака 4

Оваа препорака се однесува на предвидување санкции и соодветни мерки во сите случаи на повреда на правилата од страна на пратениците.

ГРЕКО оценува дека “податоците кои се поднесуваат се однесуваат само на одредена област на пријавување на имот и не постојат конзистентни и убедливи податоци за конечниот исход на постапката и за казните што се применуваат во однос на санкциите предвидени со правилата“. Понатаму ГРЕКО смета дека мерките за извршување се слаби и не се доволно исцрпни, дека одредени санкции не се доволно разубедувачки или се значително пониски од она што законот го пропишува.

-Препорака 5

Оваа точка препорачува укинување на членството на министерот за правда во Судскиот Совет.

Иако власта вели дека во пракса министрите за правда од последните две влади не учествувале во работата на Советот, и дека со тоа во пракса се спроведува препорака за исклучување на министерството, ова не е доволно за ГРЕКО.

ГРЕКО изразува жалење што повеќе нема шанси за отстранување на министерот за правда од Судскиот Совет.

За групата, “ризик од политичко влијание секогаш постои, без формално гласачко право или дури и без формално присуство на министерот на состаноци“.

-Препорака 16

Оваа точка се однесува на ревизијата на дисциплинскиот режим за обвинителите, со цел јасно дефинирање на повредите и проширување на опсегот на санкциите, а посебно да се овозможи разрешување на обвинителите само во случаи на најсериозни повреди.

Во овој дел, ГРЕКО смета дека неимплементирањето се должи на тоа што реформата е во рана фаза.

Властите ветиле дека усвојувањето на новата нацрт-верзија се очекува во октомври 2018. ГРЕКО го поздравува фактот што оваа реформа станала реформски приоритет.

loading...